Search

Вардар го преживеа пеколот во Белорусија, Дисигнер донесе бод

Ракометарите на Вардар, во деветтото коло во А-групата, во Лигата на шампионите, прв пат одиграа нерешено. Во Белорусија, Вардар со неверојатен кам-бек, успеа да освои бод против Мешков Брест 31:31. Бод за Вардар спаси Германецот Кристијан Дисингер со голот постигнат на десет секунди до крајот на мечот.

Вардар не делуваше добро на мечот во Белорусија, одбраната не функционираше, но сепак успеаја црвено-црните да се вратат од бездната во последните 13 минути. Вардар, против добро познатиот ривал, беше конкурентен во првото полувреме, кога го имаше и единственото водство на натпреварот (11:12), но на паузата Мешков Брест замина со гол позитива (15:14).

Во вториот дел Вардар влезе во „црна дупка“, им дозволи на домаќините целосна доминација на теренот, што резултираше со највисоката предност на натпреварот 27:21 во 47.минута.

Во финишот Вардар ја покажа својата големина, се избори со противникот и со неколкуте дискутабилни одлуки на данските судии. Враќањето во мечот црвено-црните го најавија со серијата од три гола, во периодот од 49. до 52.минута, а го комплетираа преку Дисингер кој погоди во последните секунди.

Вардар го предводеа Криштопанс со осум, односно Дисингер и Дибиров со по пет гола.

Вардар по девет кола има 11 бода, додека Брест го освои петтиот бод во Лигата на шампионите.

Во наредната рунда, последна пред паузата, Вардар ќе го пречека Кјелце.

Треба да знаете
Последни објави