Skip to main content
Македонија

Шест скијачи се загубиле на Попова Шапка поради маглата, во спроведена акција успешно се спасени

15/12/2024  11:37

Шест лица кои се изгубиле на Попова Шапка, поради густата магла и новиот снег, беа пронајдени и успешно евакуирани благодарение на брзата реакција на службите за итни случаи.

„Скијачите веднаш се јавиле за помош на бројот 112, по што биле известени СВР Тетово и раководителот на РЦУК Тетово“, велат од ЦУК.

Првиот успех во потрагата се постигнал кога вработениот на ски-лифтот успеал да ги пронајде петте од изгубените лица, а во 16:15 часот било пронајдено и шестото лице. Прво, сите биле згрижени во полициската станица на Попова Шапка, а потоа безбедно се вратиле во своите домови.

Од ЦУК упатуваат апел до сите посетители на зимските туристички центри да бидат внимателни и да се информираат за условите пред да се упатат на патеките.