Skip to main content
Хроника

Починатиот малолетник во Црвени Брегови ќе биде погребан утре во Криволак

09/12/2024  17:53

Малолетникот кој вчера беше пронајден починат заедно со уште две починати повозрасни лица во Црвени Брегови, ќе биде погребан утре на муслиманските гробишта во Криволак, потврдија попладнево за МИА од Џамискиот одбор во Криволак. Претседателот на Одборот, Сафет Темуровски изрази сочувство до неговото семејство.

Како што информираше МИА синоќа, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци извршил увид на лице место во неготинското село Црвени Брегови, каде во мала куќа што се користела како импровизиран верски објект биле пронајдени три безживотни тела, меѓу кои и на едно дете на возраст од околу 14 години.

– При првичниот преглед на лицата, не се констатирани траги на насилство. Јавниот обвинител издава наредби за обдукција, како и наредба за испитување на исправноста на плинскиот уред на кој се грееле – рекоа од Обвинителството.

Трите починати лица во Црвени Брегови биле на возраст од 71 и 66 години и еден малолетник, потврдија синоќа за МИА од СВР Велес.