Skip to main content
Македонија

Перински во Словенија: Словенечките искуства значително ќе придонесат за зајакнување на капацитетите за нашата европска перспектива

06/11/2024  15:29

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, престојува во тридневна студиска посета на Словенија во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), како дел од неговата агенда за размена на искуства и примена на позитивни практики на земјите од регионот во насока на подготовка на планираните измени на Законот за локална самоуправа. Министерот денеска одржа средби со првиот човек на Министерството за кохезија и регионален развој, Александар Јевшек и со Франц Пропс, кој раководи со Министерството за јавна управа.

Министерот Перински, средбата со колегата Пропс ја искористи да се информира за дигитализацијата на административните услуги кои ги обезбедуваат општините во Словенија, како се одвивал процесот на дигитализација и помошта на централната власт за дигитализацијата на локално ниво, а разговараа и за законската рамка со кои е регулирана соработката на словенечките општини со граѓанскиот сектор, изворите за нивно финансирање и за начинот за вршење надзор над работењето на единиците на локалната самоуправа и нивната транспарентност.

„Разменетите искуства и позитивни практики и од оваа студиска посета, како од неодамнешната на Србија, ќе може да ги искористиме при подготовката на измените на Законот за локална самоуправа со цел за пофункционални општини и поефикасни јавни услуги по европски нормативи. Средбите се и од исклучителна важност за нас како држава која се стреми за влез во Европската Унија и интензивно работи на неопходните реформи, пат кој Словенија веќе го минала и веќе две децении е рамноправна членка на европското семејство”, истакна министерот Перински по средбите на кои се заблагодари за постојаната поддршка која Словенија ја дава за европската перспектива на нашата држава, како и за споделувањата на искуствата во овој процес.

Перински истакна дека со министерот Јевшек договориле на техничко ниво во периодот во којшто ќе следи да се формираат работни групи за размена на позитивните искуства од Словенија, а кои ќе користат при започнатиот процес за измени на Законот за локална самоуправа.