Skip to main content
Македонија

„ Квалитетот на горивата под лупа – Инспекциските контроли на македонскиот пазар се заоструваат“

05/12/2024  16:11

Потпишан договор за користење на лабораторијата за тестирање на квалитетот на течни горива помеѓу Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Бирото за метрологија.

Под покровителство на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, потпишан договор за соработка меѓу Бирото за метрологија и Државниот пазарен инспекторат. Договорот за користење на лабораторијата за тестирање на квалитетот на течни горива, има за цел заострување на контролите за квалитетот на течните горива и да обезбеди поголема сигурност за потрошувачите.

Договорот го потпишаа директорите на двете институции – Влатко Стојкоски од Државниот пазарен инспекторат и Седад Рушани од Бирото за метрологија, во присуство на министерката Сања Божиновска, со што ја формализираа соработката насочена кон поголема контрола и транспарентност во обезбедувањето на квалитетни течни горива.

„ Со овој потег, државата праќа јасна порака: неквалитетните горива немаат место на македонскиот пазар. Потрошувачите добиваат квалитет и сигурност, додека институциите покажуваат дека се посветени на повисоки стандарди и подобра заштита на јавниот интерес.“ истакна Божиновска.

Во изминатите пет години, и покрај склучените договори за соработка, беа реализирани незначителен број анализи на течни горива, а со овој договор се предвидува драстично зголемување на обемот на инспекциските проверки.  Инспекциските тимови ќе ја користат лабораторијата за мострирање и тестирање согласно однапред дефинирани годишни планови, но и за вонредни инспекции.

,, Според планот за 2025 година, кој е составен дел од договорот, ќе се извршат дури 220 анализи на квалитетот на горивата, со што се поставуваат повисоки стандарди за усогласеност со македонските регулативи и стандарди. “ истакна директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски.

„ Со овој договор, Бирото за метрологија ја става својата лабораторија – мобилна и фиксна – во служба на инспекциските тимови. Лабораторијата е акредитирана за 26 методи на тестирање и ќе овозможи брзи и прецизни анализи на квалитетот на горивата директно на терен.“ истакна директорот на Бирото за метрологија Седад Рушани.