Search

Арсовска ја презентира програмата: Еко-Скопје со рамномерен развој, со јака администрација, регионален центар на културата

Програма што произлегува од скопјани за потребите на градот. Ова е основната порака од денешната презентација на програмата на независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска. Проектите во програмата се производ на работата на експерти од разни области направени според потребите на скопјани со реални проекции како да се спроведат.

„Мојата визија е преку брзи и сигурни решенија Скопје да стане вистинска метропола каква што заслужува. 15 + 1 проект треба бргу и ефикасно да им го сменат начинот на живеење на скопјани и да овозможат брз развој на градот. Веќе ги презентирав двата големи, стратешки проекта за достапен и еколошки јавен превоз: бесплатен јавен превоз и 250 нови еколошки автобуси. Тоа е еколошка алтернатива за автомобилите што треба да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот, сообраќајниот метеж“, изјави Арсовска.

Таа потенцира дека и покрај коментарите дека Градот нема доволно средства за вакви проекти, сите ветувања се базирани на пресметки, факти, извори на финансирање, конкретни параметри и индикатори. На располагање се и европските фондови за финансирање на зелената транзиција во превозот на патници.

„Градот ќе креира нова и посебна програма за сите заборавени населби. И веднаш ќе почне да ги решава проблемите. Администрацијата на Град Скопје и јавните претпријатија уште првиот ден ќе добијат налог да ги утврдат сите конкретни проблеми, слабости и недостатоци и за нив да дадат решенија. Неприфатливи се одговори дека е невозможно во 21 век делови од Скопје да ги немаат основните услови за живеење – како што се канализација, вода, асфалт, автобуски превоз“, смета Арсовска.

Кандидатката за градоначалник на град Скопје на конференцијата ги претстави и десетте клучните области во кои таа ќе дејствува и понуди стратешки проекти за секоја област.

Во областа на економијата таа најави иницијатива за креирање меѓународен проект за првиот информатичко-иновациски парк во државата, „Скопје ИНОПАРК“ – современа и иновативна инфраструктура наменета за развој на високотехнолошки компании и креативни тимски работни процеси на стартап-компании. Потоа е спроведувањето на идејата за дигитален град – SMART СКОПЈЕ, со што се опфаќа проширување на оптичката мрежа во градот, паметни системи за наводнување и осветление на јавните простори. Третата област е еколошката мобилност и креирањето модерна инфраструктура за велосипеди со креирање нови велосипедски патеки за безбедно поврзување на сите делови од градот. Како четврта клучна област го постави образованието и фокусот на младите, со што кандидатката се обврза да биде предводник во изградба на модерна образовна инфраструктура и современи услови за учење според ЕУ-стандарди. Таа најави и еднакви можности за образование за сите (стипендии за ученици и студенти од социјално загрозените семејства, грижа за учениците со попречености), но и силни инвестиции во наставниот кадар. Во истата област Арсовска најави и модернизација и реконструкција на постојната градска библиотека „Браќа Миладиновци“.

Зелениот план за Скопје опфаќа активности поврзани со расчистувањето на дивите депонии, проектот Водно како зелен штит на Скопје, но и реконструкција на парк-шумата во Гази Баба и Матка, кои се оставени без грижа, инвестиции и без заштита. Поддршка на спортот, културата, каде што спаѓа брзо решение за објектот на Универзалната сала во Скопје, отворање нова концертна арена на отворено, заживување на Чаршијата и на занаетите, се дел од проектите во програмата. Во истата област Арсовска најави и враќање на заборавените манифестации и фестивали и организаирање најмалку еден фестивал за секој месец во годината.

Како клучна област девет во програмата се предвидува социјална и здравствена заштита, која ќе им ја понуди Градот на повозрасните, на лицата во ризик, лицата со попреченост и на сите на кои им се потребни помош и поддршка. Во програмата предвиден е посебен дел за превенцијата на пожарите и другите природни непогоди преку инвестиција во кадар во нови противпожарни возила, во опремата и во достоинствени услови за нашите херои од противпожарната бригада.

Треба да знаете
Последни објави