Skip to main content
Македонија

Западнонилската треска се шири во Македонија – Осум случаи, сите заболени развиле тешка форма

27/07/2026  15:54

Во Македонија од почетокот на годинава се регистрирани осум случаи на западнонилска треска, покажуваат најновите податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Од вкупниот број, седум случаи се лабораториски потврдени, додека еден се води како веројатен.

Само во текот на јули се потврдени пет нови случаи на вирусот, иако кај дел од пациентите првите симптоми се појавиле уште во мај и јуни. Последниот случај бил евидентиран минатиот четврток.

Податоците покажуваат дека најголем дел од заразувањата се случиле во Македонија. Регистрирани се шест автохтони случаи од Скопје и Велес, односно лица кај кои инфекцијата е стекната во земјава.

Кај уште еден пациент од Скопје е регистрирана историја на патување во Грција, но периодот во кој можело да дојде до заразувањето го опфаќа и неговиот престој во Македонија. Поради тоа, не може со сигурност да се утврди дали инфекцијата била стекната во земјава или во Грција.

Од осумте регистрирани заболени, седум се мажи, а една е жена. Особено се издвојува возраста на пациентите – шестмина се постари од 60 години, додека преостанатите двајца се на возраст од 50 до 59 години.

Кај сите осум пациенти болеста се манифестирала во потешка форма, со зафатеност на централниот нервен систем, поради што била потребна хоспитализација. Во меѓувреме, тројца од пациентите се пуштени на домашно лекување.

Западнонилската треска е вирусно заболување кое најчесто се пренесува на луѓето преку каснување од заразен комарец. Според ИЈЗ, вирусот вообичаено не се пренесува директно од човек на човек. Исклучоци се ретки ситуации, меѓу кои трансфузија на крв и трансплантација на органи.

Инкубацискиот период најчесто трае од три до 14 дена. Кај приближно 80 проценти од заразените инфекцијата поминува без никакви симптоми, поради што лицето може воопшто да не знае дека било заразено.

Кај дел од пациентите се развиваат треска и симптоми слични на грип, додека кај помалку од еден процент од заразените може да се развие тешка невроинвазивна форма на болеста.

Во тие случаи вирусот може да го зафати централниот нервен систем и да доведе до сериозни состојби како воспаление на мозокот, воспаление на мозочните обвивки или парализа. Тешките форми можат да остават сериозни последици, а во одредени случаи болеста може да има и смртен исход.

Особено ранливи на потешки форми се повозрасните лица, што се забележува и кај годинашните случаи во земјава, каде сите регистрирани пациенти се на возраст од најмалку 50 години.

Западнонилската треска првпат била регистрирана во Македонија во 2011 година. Од тогаш до крајот на 2025 година во земјава биле евидентирани вкупно 54 лабораториски потврдени случаи, од кои пет завршиле со смртен исход.

Најновите бројки доаѓаат во период од годината кога активноста на комарците е зголемена, а ИЈЗ ја следи епидемиолошката состојба со западнонилската треска во земјава.