Skip to main content
Македонија

Замрзнат имот во Србија и Македонија од осомничен за злоупотреби во РЕК Битола

21/10/2025  11:18

Основното јавно обвинителство Битола, преку Канцеларијата за поврат на имот во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, упати итно барање до надлежните органи на Република Србија за замрзнување имот – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со лице осомничено за злоупотреби во РЕК Битола против кое беше поведена истрага на 9 октомври.

Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина.

Поднесените барања се прифатени и српското обвинителство издаде наредби за замрзнување на наведениот имот.

Освен ова, од сметките на осомничениот и неговата фирма во државава, која исто така е опфатена со истрагата, по барање на обвинителството се замрзнати околу 30 милиони денари, а обвинителството побара да се забрани и располагање на дополнителен движен и недвижен имот во државава – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека претставуваат принос од казниво дело, односно имот кој во иднина може да е предмет на конфискација поради сторените кривични дела кои се опфатени со истрагата.