
Германскиот производител на оружје „Рајнметал“ (Rheinmetall) би можел да се откаже од планот за изградба на фабрика за производство на артилериски гранати од калибар 155 милиметри во Украина, изјави извршниот директор на компанијата Армин Папергер.
Папергер рече дека украинските партнери сакаат самостојно да го преземат производството, но дека компанијата сè уште нема донесено конечна одлука за проектот, пренесува порталот „German Aid to Ukraine – GAU“.
„Рајнметал“ и украински партнер во февруари 2024 година потпишаа меморандум за разбирање за основање заедничко претпријатие.
Според првичните планови, фабриката требаше да произведува неколку стотици илјади артилериски гранати годишно.
Сепак, според податоците на порталот GAU, повеќе од две и пол години по започнувањето на проектот, сè уште не е произведена ниту една граната.
Во септември 2025 година, тогашниот украински министер за одбрана Денис Шмихал изјави дека за потребите на проектот е одредена локација во „безбеден регион“ на Украина, но не откри за кој регион или општина станува збор.

