
Во текот на само 48 часа, 139 деца биле прегледани на Одделот за педијатрија во Клиничката болница во Тетово. Дванаесет од нив биле задржани на болничко лекување, а другите биле пуштени дома со терапија, пренесува mkd.mk.
„Во Клиничката болница во Тетово, односно во Одделот за педијатрија, имавме 139 случаи во последните 48 часа, од кои 12 деца се хоспитализирани, а другите се пуштени со домашна терапија“, соопштија од одделот.
Кај малите пациенти најчесто се појавувале висока температура, повраќање и дијареја. Педијатарот д-р Иса Османи вели дека во најголем дел станува збор за вирусни инфекции вообичаени за летниот период.
Високите температури се еден од факторите за зголемениот број случаи. Влијание може да имаат и неправилното подготвување и чување на храната, особено кај малите деца кои користат адаптирано млеко, како и контактот меѓу болни и здрави деца.
Османи ги советува родителите при појава на дијареја или повраќање да внимаваат детето да внесува доволно течности и електролити за да се спречи дехидрација.
Лекарите препорачуваат засилена хигиена при подготовката и чувањето на храната, редовна хидратација и избегнување контакт со деца кои имаат симптоми на инфекција.

