
Македонија се подготвува за голем пресврт во железничкиот сообраќај со реализација на проектот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, на која возовите ќе достигнуваат брзина и до 200 километри на час. Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk.
Николоски проектот го опиша како своја најголема професионална амбиција и стратешка инвестиција која, според него, повторно ќе ѝ даде геостратешко значење на Македонија во регионот.
„Ова е проект што го сонувам. Сакаме да изградиме брза пруга од границата со Србија до границата со Грција. За разлика од претходните планови кои предвидуваа само парцијална рехабилитација, нашиот модел е изградба на целосна брза железница во една фаза. Ова е повеќе од економски проект – ова е политички проект кој ја позиционира Македонија како клучна алка меѓу Атина и Будимпешта,“ изјави Николоски.
Проектот се развива во рамки на стратешко партнерство со Велика Британија, а веќе се ангажирани и светски реномирани компании кои работат на подготвителните студии и анализи.
Според првичните проекции, патувањето од Скопје до Атина со новата брза пруга би траело околу пет часа, додека карго сообраќајот би можел да биде ставен во функција веќе во 2028 или 2029 година.
Целосната патничка железничка линија, според најавите, треба да биде функционална до 2031 година.
Министерот откри и дека паралелно се работи на набавка на нови модерни возови и локомотиви кои ќе одговараат на техничките стандарди на новата инфраструктура.
„Бараме модерни возови за 150 до 250 патници, кои ќе оперираат на меѓуградските и меѓународните релации. Но, мојата најголема грижа не е изградбата, туку одржувањето. Веќе сега работиме со Македонски железници за обука на сериозни машиновозачи и технички кадар. Не смееме да дозволиме да ја изградиме пругата, а да немаме наши луѓе кои знаат да управуваат со таа модерна технологија,“ порача Николоски.

