Skip to main content
Македонија

Во Струмица изречени казни на две компании од по 9.000 евра за неправилно управување со отпад

04/02/2025  17:34

Општинскиот инспeкторат за животна средина на Општина Струмица денеска на две компании им изрече глоба од 9.000 евра и 500 евра за управителот на правниот субјект, а на други им е наложено да постават филтри за да не го загадуваат амбиенталниот воздух.

Веста на својот фејсбук профил ја соопшти градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој информираше дека инспекторите ивршиле шест вонредни инспекциски надзори, од кои четири кај правни субјекти со дејност производство на друг мебел, еден кај правен субјект производство на амбалажа од пластични маси за пакување и еден инспекциски надзор кај правен субјект кој се занимава со изработка на метални конструкции.

– Од извршените инспекциски надзори констатирани се неправилности кај сите шест правни субјекти. Кај два правни субјекти ќе биде поведена прекршочна постапка согласно член 37 став (4) од Законот за управување со отпадот со издавање на прекршочен платен налог со казна во висина од 9000 евра за правниот субјект и 500 евра за управителот на правниот субјект на надзор. За три правни субјекти ќе се донесе решение за изработка на елаборат за животна средина и да се преземат соодветни технички мерки за вградување на филтер со кој ќе се намали, спречи и контролира негативното влијание врз квалитетот на амбиентниот воздух, а за еден правен субјект ќе се донесе решение согласно дејноста која ја обавува да се изработи елаборат за животна средина согласно член 24 од Законот за животна средина, објави струмичкиот градоначалник.

Најави дека во периодот кој следува вонредните надзори кои се спроведуваат од страна на инспекторот за животна средина на Општина Струмица ќе се објавуваат на официјалната страница на Општината.

Инаку, во саботата во Струмица се одржа протестен марш против енормното загадување во организација на Еколошкото друштво „Здрав котлина“, кое достави повеќе барања за намалување на загадувањето меѓу кои и засилени инспекциски надзори на компании кои го загадуваат амбиенталниот воздух.