
Бугарска организација што го носи името „Македонија“ најави дека во недела ќе организира двочасовна блокада на сите гранични премини меѓу Бугарија и Македонија. Според бугарските медиуми, блокадата ќе се одржи на премините „Деве Баир“, „Делчево“ и „Ново Село“.
Најавата следува еден ден по инцидентот пред Бугарската амбасада во Скопје, кога 44-годишен скопјанец со бензин запали две возила со дипломатски регистарски таблички. Осомничениот беше уапсен, а случајот беше осуден и од македонските и од бугарските власти.
Од организацијата соопштија дека протестната акција е координирана со бугарското Министерство за внатрешни работи, кое, како што тврдат, издало дозвола за нејзино одржување.
Во нивниот повик се наведува дека целта на блокадата е да се испрати политичка порака, а не да се оневозможи движењето на граѓаните.
„Нашата цел е да му покажеме на Мицкоски дека не може да продолжи со репресиите. Не ни е цел да ги попречуваме граѓаните и нивниот слободен премин преку границата, затоа блокираме два часа, а не трајно! Дојдете и покажете единство и сила, Бугари“, се наведува во повикот на фондацијата.
Засега нема официјална реакција од македонските институции во врска со најавената блокада.


