Skip to main content
Спорт

Мбапе со двоен удар ја одведе Франција до победнички старт

16/06/2026  23:18

Франција успешно го отвори настапот на Светското првенство, откако на „МетЛајф“ стадионот во Њу Џерси го совлада Сенегал со 3:1 во натпреварот од првото коло во И групата. По неубедливото прво полувреме без голови, избраниците на Дидие Дешан во продолжението го покажаа својот квалитет и со два гола на Килијан Мбапе и еден на Бредли Баркола стигнаа до заслужен триумф.

Сенегал беше поопасниот тим во првите 45 минути и беше блиску до водство. Николас Џексон ја погоди стативата, а Исмаила Сар во самиот финиш на полувремето не успеа да ја искористи одличната можност, испраќајќи ја топката над голот.

И покрај слабата игра на Французите, селекторот Дидие Дешан не направи измени на полувремето, туку само ги ротираше позициите на Мајкл Олисе и Усман Дембеле. Токму таа промена донесе поголема креативност во играта на „триколорите“.

Франција почна да создава шанси, а Мбапе и Олисе не успеаја да реализираат во ситуации „еден на еден“ со голманот Едуар Менди. Следуваше и спорен момент кога Французите бараа пенал по дуелот меѓу Садио Мане и Мбапе, но судијата остана нем.

Префрлањето во повисока брзина конечно даде резултат во 66. минута. Олисе испрати прецизна топка зад одбраната, а Мбапе рутински го совлада Менди за водство од 1:0.

Само неколку минути подоцна, резервистот Бредли Баркола го удвои водството. Одличната акција ја започна Адриен Рабио, кој продре низ средината, а потоа несебично му асистираше на Баркола, кој елегантно го префрли Менди за 2:0.

Во судиското продолжение Сенегал успеа да намали преку Ибраихм Мбај, кој го искористи несигурното реагирање на Мајк Мањан. Но радоста на Африканците траеше кратко – само триесетина секунди подоцна Мбапе испрати фантастичен удар од околу 25 метри и ги постави конечните 3:1.

Со оваа победа Франција ги освои првите три бода на шампионатот и испрати јасна порака дека повторно е меѓу главните кандидати за светската титула.