Skip to main content
Македонија

АХВ врати 23,6 тони пилешко месо произведено во јануари 2025 година

16/06/2026  23:50

Пратката е вратена бидејќи не ги исполнувала условите од забраната воведена поради ризикот од птичји грип.

Официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија увоз на 23.685 килограми замрзнато пилешко месо со потекло од Бразил, поради непочитување на важечките мерки за заштита од високопатогената авијарна инфлуенца, позната како птичји грип.

Од АХВ информираат дека пратката била одбиена бидејќи месото било произведено во јануари 2025 година, што е спротивно на важечката одлука со која е забранет увоз на производи добиени од животни заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.

Забраната е донесена како превентивна мерка за спречување на внесување на вирусот на високопатогената авијарна инфлуенца во земјава и се однесува на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од погодените подрачја.

Ова не е прв ваков случај. Во декември 2025 година, официјалните ветеринари на истиот граничен премин вратиле пратка со повеќе од 26 тони замрзнати пилешки батаци, исто така со потекло од Бразил, поради непочитување на истите ограничувања.

Од Агенцијата апелираат до увозниците строго да ги почитуваат законските прописи и стандардите за безбедност на храната, нагласувајќи дека заштитата на здравјето на граѓаните останува нивен врвен приоритет.