Skip to main content
Скопје

Во Ѓорче поделени хуманитарни пакети за социјално загрозените лица по повод Василица

14/01/2025  11:43

Денес, на денот кога го празнуваме Свети Василиј Велики – симбол на дарежливоста и помагањето, општина Ѓорче Петров со голема почит и љубов организираше хуманитарна акција, известија од локалната самоуправа.

– Свети Василиј Велики е познат како човек кој целиот свој живот го посветил на помагање на оние кои се во неволја. Следејќи го неговиот пример, денес споделуваме топлина и грижа со оние на кои им е најпотребна. Во соработка со општествено одговорна компанија, подготвивме и денес ги доделивме хуманитарните пакети за социјално загрозените лица и семејства во нашата општина. Целта е во овие празнични денови, секое семејство да има полна трпеза и радост во своите домови, порача градоначалникот Александар Стојкоски.

Додава дека традицијата на Свети Василиј нè потсетува дека дарувањето е најголемата доблест. Неговата мисија да помага на најслабите нè инспирира и нè мотивира да продолжиме да градиме општество со повеќе солидарност и грижа за другите.

– Се надеваме дека овие пакети ќе донесат топлина, насмевки и надеж во домовите на нашите сограѓани. Со желби за многу здравје, среќа и убави моменти во Новата година, ги честитаме празниците и се надеваме дека заедно ќе продолжиме да ја градиме општината како место на хуманост и разбирање, рече првиот човек на општината.