Skip to main content
Македонија

Вистинска пролет: Температурите кај нас ќе одат до 23 степени, природата се буди!

06/03/2025  08:44

Метео анализа на Славчо Попоски:

До самиот крај од оваа седмица, односно до недела (9 март) во Македонија времето останува стабилно, суво и сончево, за време на викендот со појава на умерена локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.

Поради понатамошен продор на топол воздух од југ, температурите ќе бележат тенденција на уште поголем пораст преку ден, а во пораст ќе бидат и минималните утрински температури на воздухот. И во Скопје  и околината очекуваме слично време како и во останатите места во Македонија, односно стабилно, суво, сончево и натпросечно топло за овој период од годината.

Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 15 до 23 степени, додека во Скопје температурата ќе се искачува до околу 22 степени.

Да напоменам дека овие температури кои ги очекуваме до крајот на оваа седмица, се значително натпросечни, и тоа за 8 до 10 степени повисоки од нормалните за овој период од годината. Ова ќе услови понатамошно будење на природата, како и расцутување на овошките.