
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ повторно го отвори прашањето за воведување механизам за отповикување на градоначалниците, посочувајќи дека во минатото иницирал законски измени во оваа насока.
Според Ѓорѓиевски, локалните функционери треба да имаат поголема одговорност пред граѓаните кои им го дале мандатот, а градоначалниците не треба да бидат исклучок кога станува збор за можноста за предвремено разрешување.
„Поголемата суштина во целиот процес е да не останат локалните функционери единствени заштитени во целиот процес. Само градоначалник денес не можете да отповикате“, рече Ѓорѓиевски за 4ТВ.
Тој смета дека воведувањето механизам за отповикување би значело и поголема одговорност при извршувањето на градоначалничката функција.
„Кога човек ќе влезе во својата канцеларија, треба да знае дека ако не покаже резултати, може да биде тргнат од столчето кое што го добил од граѓаните“, порача Ѓорѓиевски.
Според него, одговорноста на избраните функционери треба да се гледа од два аспекта – правната одговорност пред институциите и политичката одговорност пред граѓаните.

„Единствениот суверен е народот“, нагласи Ѓорѓиевски во „Ноќно студио“ на 4ТВ.


