
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ порача дека нема да дозволи поставување реклами на новите автобуси што треба да пристигнат во главниот град, а особено не на нивните прозорци.
„Јас не сум за реклами на новите автобуси, особено не сум за реклами на местата кои што многу често јавноста ги критикува, а тоа се прозорите на автобусите. Прво од безбедносни причини, а потоа и од практични причини. Да сумираме, на новите автобуси нема да дозволам да има реклами“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот во интервјуто се осврна и на прашањето за одговорноста за состојбата што била затекната во градските јавни претпријатија, посочувајќи дека надлежните институции веќе проверуваат одредени случаи.
Според него, Финансиската полиција веќе постапува, а Град Скопје е отворен за соработка со институциите.
„Финансова полиција веќе сериозно се занимава. Ние како институција, јас како градоначалник, ги отворивме вратите. Така треба да биде секогаш“, рече Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека постојат индиции кои, според него, заслужуваат проверка од надлежните органи, особено во однос на начинот на кој во минатото биле управувани ресурсите на градските јавни претпријатија.
Како пример го посочи ЈСП „Скопје“, каде што, според неговите тврдења, дел од автобусите биле оставени надвор од употреба иако за нивно повторно ставање во функција биле потребни релативно мали интервенции и поправки.
„Тоа кај мене е индикативно која била причината и тука треба институциите да проверат“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој порача дека ресурсите на јавните претпријатија не се сопственост на функционерите или раководствата, туку се јавни ресурси финансирани од граѓаните.
„Тоа не се мои ресурси, не се ниту на било кој друг, на цел народ се тие ресурси. Сите Скопјани плаќаат за ние да имаме квалитетни услуги“, нагласи градоначалникот.
Ѓорѓиевски се осврна и на состојбата со ЈП „Комунална хигиена“, оценувајќи дека несобирањето на отпадот во главниот град претставувало неодговорно однесување кон граѓаните.
Тој не изнесе детали за конкретните проверки, нагласувајќи дека тие се во надлежност на други институции.

„И тука има институции кои што работат сериозно и се занимаваат со овие прашања. Јас не сум дел од тие институции, не можам да давам детали, но верувам дека правда ќе има“, порача Ѓорѓиевски во „Ноќно студио“ на 4ТВ.


