Skip to main content
Македонија

(Видео) Пандов: Да знаат некои деца какви се условите во домот во Волковија, веројатно ќе направат некој криминал за да завршат таму

04/02/2025  20:26

По случувањата во Затворот Скопје и пронајдениот мобилен телефон кај Васил Јованов, директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов направи своевидна турнеја со интервјуа по македонските медиуми.

Но, во интервју за јавниот сервис, зборувајќи за условите во воспитно поправните установи, Пандов малку се претера со фалби и даде една прилично несмасна а за некого и сериозно скандалозна изјава.

Зборувајќи за условите во поправниот дом за малолетници Пандов порача дека некои деца немале такви услови ниту дома, па ако случајно дознаеле најверојатно би направиле некој криминал за да завршат таму.

„Воспитно-поправниот дом во Волковија е пуштен во 2019, 2020 година. Јас кажувам: да знаат одреден број на деца, какви се условите на сместување во воспитно-поправниот дом, веројатно би направиле некаков криминал, затоа што дома немаат такви услови и не јадат како што таму има пристојна кујна“ рече Пандов.

Инаку воспитно поправниот дом во полошкото село Волковија е пуштен во употреба во 2020 година.

Станува збор за нов комплекс на објекти со површина од околу 16.000 м2, ограден со безбедносна жичена ограда, во него има три објекти за сместување во отворени одделенија и одделенија за засилен надзор,шеталишта, спортско игралиште за кошарка, мал фудбал и ракомет.

Во комплексот има и објект со две работилници и гаражи за работно ангажирање на штитениците, а постои и административен блок во чии рамки е приемното одделение, одделение за посети, амбуланта за општа медицина и стоматологија, кујна, трпезарија, перална, едукативно одделение, повеќе наменска спортска сала и административен дел за вработените во установата.