Skip to main content
Македонија

Давкова во Штип на одбележување на 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

04/02/2025  20:44

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на одбележувањето на 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, денеска во Штип го посети Универзитетот „Гоце Делчев”.

Таа присуствуваше на свечената програма во чест на раѓањето на македонскиот револуционер и имаше средба со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев”, проф. д-р Дејан Мираковски, на која присуствуваа градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, пратеници, декани од ректорската управа и претставници од Универзитетското студентско собрание.

Укажувајќи дека како професорка денес е на вистинското место – Универзитетот со Гоцевото име, претседателката Сиљановска-Давкова во изјава за медиумите истакна дека Гоце Делчев е неразделен од македонскиот народ, дека и по 153 години е сѐ уште жив, и дека следните 153 години ќе продолжи Гоцевата приказна.

Таа ја потенцира нераскинливата врска меѓу Гоце и македонската република.

Нарекувајќи го учител над учителите, претседателката посочи дека огромната улога на Гоце Делчев се должи не само на неговата храброст како војвода и борец за слобода на македонскиот народ, туку и на неговата прогресивна мисла, којашто и денес е актуелна.

Споменувајќи ги неговите препознатливи пораки и цитати, таа додаде дека Делчев ни оставил аманет културно да се натпреваруваме со останатите, бидејќи тоа е силата на малите народи.

За време на посетата на градот, претседателката го посети и Музејот на дејците на ВМРО од Штип и штипско.