
Шеснаесетгодишник од Скопје се здобил со тешки телесни повреди во вчерашното насилство пред Спортскиот центар „Јане Сандански“, за кое СВР Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка против П.А. Во врска со настанот приведени се уште две лица, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, група од околу 30 членови на навивачката група „Фемили“ физички нападнала околу 50 навивачи на КК „Работнички“, кои чекале да влезат на кошаркарскиот натпревар. Во нападот тешко бил повреден малолетникот.
П.А. е лишен од слобода, а по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, против него е поднесена кривична пријава за „насилство“, според член 386, ставови 4 и 6 од Кривичниот законик.
Во полициска станица се приведени и М.М. (18) и Д.П. (18), двајцата од Скопје.
Од полицијата наведуваат дека продолжува повикувањето лица за кои ќе се утврди дека учествувале во насилството и дека против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
МВР упати апел до навивачките групи за фер и спортско однесување, порачувајќи дека полицијата нема да толерира насилство.

