Skip to main content
Хроника

Сузбиена организирана криминална група инволвирана во криумчарење на мигранти, лишени од слобода шест лица

14/07/2025  15:13

На 13.07.2025 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во содејство со Одделот за специјални и посебни операции, под раководство на јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, по повеќемесечно криминалистичко истражување, спроведе координирана полициска операција во која е сузбиена шестчлена организирана криминална група, која подолг временски период била инволвирана во вршење на кривични дела од областа на криумчарење на мигранти на територија на Република Северна Македонија. При реализацијата, спречен е и транспорт на шест мигранти од Кина, од кои едно малолетно лице.

По претходен договор помеѓу А.И., Б.И., Б.З., Р.Р. и В.Т., на 13.07.2025 било организирано прифаќање, привремено засолнување и превезување на шест лица илегални мигранти од Кина, од кои едно малолетно лице. Б.И. како возач и А.И. како совозач во возилото, од околината на с.Лојане во близина на граничната линија помеѓу Србија и РСМ прифатиле шест мигранти и ги транспортирале до локација во близина на с.Пчиња. Таму Б.З. како возач и Р.Р. како совозач ги прифатиле мигрантите, а како т.н. „чистач” бил В.Т.. При тоа, Б.З. не застанал на даден знак од полициски службеници туку почнал да се движи наназад со возилото во обид да избега, но за кратко време лицата се лишени од слобода, а пронајдени се и мигрантите од Кина. Мигрантите се сместени во Прифатниот центар за странци Гази Баба во Скопје, а лишените од слобода се задржани во полициска станица за понатамошна постапка. Истовремено, на подрачјето на Гевгелија, поради претходно обезбедени докази, од слобода е лишен и В.Т..

Истиот ден (13.07.2025), постапувајќи по наредби за претреси во дом и други простории, издадени од судија на претходна постапка, извршени се претреси на вкупно пет локации на подрачје на Скопје и Куманово, при што се пронајдени и одземени три патнички моторни возила, мобилни телефони кои лицата ги користеле за извршување на кривичното дело, СИМ картички, пари и др.

Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на 14.07.2025 до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против шест лица и тоа, против А.И. (46), Б.И. (26), двајцата од Куманово, Б.З. (28), В.Т. (38) и Р.Р. (19), тројцата од Скопје и В.Т. (56) од Гевгелија, сите за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти” (член 418-б став 2 и став 4) во врска со кривично дело „соизвршителство” (член 22) од Кривичен законик.