Skip to main content
Македонија

Сузбиена криминална група за криумчарење стоки, поднесена кривична пријава против осум лица, одземени над 100.000 евра, лекови, суплементи и други предмети

22/09/2026  15:18

На 21.09.2026 под раководство на ОЈО за ГОКК, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во координација со Одделот за специјални полициски операции- Единицата за брзо распоредување, спроведоа полициска акција за сузбивање на криминална група инволвирана во криумчарење стоки и коруптивни кривични дела. Врз основа на наредби од Основниот кривичен суд Скопје, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија, при што од слобода се лишени шест лица, а при претресите се пронајдени и одземени над 100.000 евра, 16 плочки (златна боја), цигари и тутун без акцизни маркички, поголема количина лекови и суплементи, кои биле нелегално внесени во државата, повеќе мобилни телефони и други предмети.

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против осум лица: М.С. (52) од Тетово, З.С. (42) од Гевгелија, А.С. (38) од Скопје, Б.Љ. (46)  од Тетово, Е.А. (55) од Скопје, Д.Џ. (46) од Тетово, Б.А.К. (34) и С.С. (42) , двајцата од Р.Турција, за повеќе кривични дела, меѓу кои „криумчарење“, „прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење“, „избегнување на плаќање акциза“, „примање поткуп“, „давање поткуп“, „производство и пуштање во промет штетни средства за лекување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.