
Северна Македонија не е меѓу земјите за кои Европската комисија во оваа фаза подготвува патокази со конкретни чекори за напредок во пристапниот процес. Еврокомесарката за проширување Марта Кос ги посочи Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, додека за Скопје повтори дека уставните измени остануваат услов за натамошно придвижување кон Европската Унија.
Во интервју за Бугарската национална телевизија, дадено во Стразбур, Кос оцени дека оваа есен ќе биде „есен на проширувањето“, во која Европската комисија ќе работи паралелно на забрзување на процесот со кандидатите и на подготовка на земјите членки за идното проширување.
Кос посочи дека Црна Гора е најблиску до членство, а за Албанија, Молдавија и Украина Европската комисија ќе претстави патокази во кои ќе бидат испланирани можните технички чекори до крајот на мандатот на актуелната Комисија.
Северна Македонија не беше наведена меѓу овие земји.
Сепак, еврокомесарката порача дека напредокот на земјите од Западен Балкан кои се понапред во процесот може да биде дополнителен поттик за останатите држави од регионот, меѓу кои ја спомена и Северна Македонија.
Кога новинарката на БНТ го отвори прашањето за Скопје, Кос директно се осврна на уставните измени.
Според неа, промената на Уставот е обврска договорена меѓу Северна Македонија и сите 27 земји членки на Европската Унија.
„Тие мора да го променат својот Устав, ова е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји членки на ЕУ. Откако ќе биде направено ова, ќе сметам на поддршката и на вашата земја за да можеме да продолжиме напред и со Северна Македонија“, изјави Кос за БНТ.
Со ова еврокомесарката уште еднаш ја повтори позицијата на Европската комисија дека спроведувањето на уставните измени е потребно за земјата да премине во следната фаза од пристапниот процес.
И во последниот пакет за проширување на Европската комисија беше наведено дека Северна Македонија треба да ги усвои потребните уставни измени во согласност со заклучоците на Советот од јули 2022 година, со цел отворање на првиот кластер кога ќе бидат исполнети релевантните услови.
Кос во интервјуто нагласи дека проширувањето не зависи само од земјите кандидати, туку и од подготвеноста на членките на Унијата.
Според неа, приемот на нови држави не може да се реализира без поддршка од сите земји членки и од нивните граѓани.
Еврокомесарката зборуваше и за пошироките планови на Брисел за поврзување на Европа со Јужен Кавказ, Централна Азија и Блискиот Исток.
Таа го посочи т.н. Среден коридор како еден од значајните проекти на актуелната Европска комисија, чија цел е отворање нови трговски, транспортни и енергетски правци меѓу Европа и Азија.
Кос најави дека во октомври ќе ги посети Турција и Бугарија за разговори за конкретни инфраструктурни проекти.

Но, за Северна Македонија пораката од Стразбур останува поврзана со исполнувањето на условот за уставните измени – додека Европската комисија планира конкретни патокази за земјите кои во моментов се понапред во пристапниот процес.


