
Норвешката полиција и противпожарните служби денеска ги предупредија жителите да не се враќаат во домовите што останале зачувани по разорниот шумски пожар југозападно од Осло.
Командантот на полициските операции Столе Фуглас за весникот „Верденс ганг“ изјави дека повеќе лица се обиделе да ги пробијат полициските кордони.
– Сакаме да им помогнеме на сите, но не смеете да се изложувате на опасност, порача тој.
Според него, гаснењето на пожарот во погодениот реон на Драмен може да продолжи уште десетина дена.
Командантот на противпожарната служба Јан Ерик Феванг на прес-конференција изјави дека пожарникарите и натаму интервенираат во населбата Крокстаделва во Драмен и во блиската шума. Според јавниот сервис НРК, жителите на кои ќе им биде дозволено да се вратат во домовите ќе бидат директно контактирани од властите и придружувани од припадници на службите за итни случаи.
Пожарникарот Ерик Смидсрод за „Верденс ганг“ изјави дека екипите во текот на ноќта изгаснале осум до десет помали пожари во станбениот дел и долж шумскиот појас.
– Состојбата сега изгледа подобро отколку претходно, но не би рекол дека пожарот е целосно ставен под контрола, рече тој.
Пожарот избувна во петокот попладне и брзо се прошири низ редови куќи. Според весникот „Драменс тиденде“, целосно се уништени 109 куќи, додека уште пет, најверојатно, не можат да бидат спасени.
Околу 400 лица беа принудени да ги напуштат своите домови. Норвешката Дирекција за цивилна заштита го оцени пожарот како најтежок од ваков вид во поновата историја на земјата. Престолонаследникот Хокон во неделата ја посети Крокстаделва за да ја процени штетата.
Причината за пожарот сè уште не е позната. Според властите, огнот се ширел исклучително брзо поради високите температури, сушата, силниот ветер и густата урбана структура на населбата.
Локалниот командант на противпожарната служба Кале Варфјел додаде дека за интензитетот на пожарот можеби придонеле и боците со гас за скара што биле складирани во дел од домовите.

