Skip to main content
Македонија

Средба на министерката Божиновска со амбасадорката на САД во Грција

17/05/2026  11:40

Во рамките на престојот во Атина по повод учеството на дводневниот самит „Energy Transition Summit: East Med and Southeastern Europe“, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска оствари работна средба со амбасадорката на Соединети Американски Држави во Грција, Кимберли Гулфојл.

Во пријателска и конструктивна атмосфера беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави, со посебен акцент на енергетската соработка, енергетската безбедност и можностите за продлабочување на партнерството во областа на инфраструктурните и стратешките енергетски проекти.

Соговорничките се осврнаа и на неодамна одржаниот стратешки дијалог во Вашингтон, каде енергетиката беше една од централните теми, при што беше потврдена заедничката заложба за зајакнување на регионалната соработка и поддршката на енергетската транзиција.

Министерката Божиновска ја информираше амбасадорката за текот на активностите поврзани со изградбата на гасниот интерконектор со Грција, како и за посветеноста на Владата на Република Македонија кон реализација на проекти што ќе придонесат за поголема енергетска стабилност, диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на регионалната поврзаност.

Заеднички беше подвлечена потребата од зголемување на обемот на американски инвестиции во енергетски и инфраструктурни проекти во Македонија и регионот, особено во делот на  гасната инфраструктура и модернизацијата на енергетските капацитети.

На средбата, министерката Божиновска упати покана до амбасадорката Гулфојл во блиска иднина да ја посети Република Македонија.