Skip to main content
Македонија

Спасовски со критика до членовите на Владата кои не присуствуваат на седницата за пратенички прашања

27/11/2025  18:33

Пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ попладнево процедурално реагираше дека согласно собранискиот Деловник на седница за пратенички прашања присуствуваат претседателот и членови на Влдата за кои е најавено дека ќе им се постават прашања, посочувајќи дека во салата сега се присутни премиерот и пет од вкупно 24 членови на Владата.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски посочи дека добил писмено известување за оправдано отсуство од министрите за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, за култура Зоран Љутков и за одбрана Владо Мисајловски.

-И гледам дека добар дел, претседателот на Владата и другите министри или заменици се присутни. Сепак да имаме и обѕир кон одредени состојби кои не се однесуваат на тоа што го кажавте. Министерот за одбрана најавил отсуство, но во моментот нема заменик министер за одбрана и за жал не можеме да имаме претставник. Но, како и да е, најголем дел од членовите на Владата, вклучително и претседателот на Владата се присутни и пратеничките прашања се одвиваат во најдобар ред, рече Милошоски.

Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев процедурално побара од потпретседателот Милошоски да закаже седница на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади со точка на дневен ред Законот за бранителите.

-Согласно член 63 од Деловникот бараме од вас да закажете седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади и да го одблокирате Законот за бранителите. Сфативме дека Африм Гаши од ВРЕДИ нема да го направи тоа. Но прашањето е зошто Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ не го прави тоа, а има право на тоа. Многу едноставно се откочува законската процедура за тој закон, само треба потпретседателот да закаже Комисија за социјална политика, демографија и млади со точка Закон за бранителите и да назначи претседавач од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На располагање ви се колешките Ласкоска, Лозановска, Ангелинка Петкова, Бисера Златеска или нивните заменици доколку оние не се во можност. Целосно зависи од ВМРО-ДПМНЕ одблокирањето на Законот за бранителите, ама вие тоа не го правите оти побитна ви е коалицијата со ВРЕДИ. Кога бевте опозиција доста бевте гласни за прашањето за бранителите. Во 2023 година поднесовте исто законско решение како она што е поднесено сега… , рече Јанчев.

Ако Милошоски не закаже седница на Комисијата за социјална политика, демографија и млади, Јанчев најави дека пратеничката група на Левица ќе поднесат интерпелација против него за блокирање на Законот за бранителите.

Милошоски му одговори дека истата сериозно ќе се земе во предвид и ќе ја почека интерпелацијата.