
Просториите на Културно-уметничкото друштво „Српски вез“ во Куманово биле вандализирани во текот на ноќта меѓу петокот и саботата, а на објектот биле испишани графити со натпис „УЧК“. Случајот е пријавен во полиција, која извршила увид и презема мерки за негово расчистување.
Министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ на Фејсбук објави снимка од безбедносните камери, на која, според него, се гледаат две лица кои со автомобил пристигнуваат пред објектот.
На снимката се гледа како лицата неколкупати излегуваат и се враќаат во возилото, по што се приближуваат до влезот на просториите на КУД „Српски вез“, испишуваат графити и пораки на објектот, а потоа го напуштаат местото.
Стоилковиќ го оцени случајот како вандалски напад и побара најстрога реакција од државата и институциите, посочувајќи дека во просториите на друштвото со фолклор се занимаваат повеќе од 200 деца.
„Ксенофобијата со примеси на шовинизам, константно присутна во јавноста, посебно изразена последниве две години од учеството на ДПСМ во Владата, пропратено со незаслужениот молк на јавноста, почнува да дава видливи резултати кои се многу поголеми од вандализмот на оваа дивљачка хорда“, напиша Стоилковиќ.
Тој го осуди „насилничкото, деструктивно и нецивилизирано однесување“ врз имотот и просториите на друштвото, како и испишувањето на натписите „УЧК“, за кои смета дека државата и јавноста треба најстрого да реагираат.
„За политиките кои го поттикнуваат ваквото однесување во некоја друга прилика. Никој нема да биде изоставен“, порача Стоилковиќ.
Засега официјално не е соопштено кои се лицата што стојат зад вандализирањето, ниту мотивот за инцидентот.
Од Министерството за внатрешни работи за ТВ 24 потврдија дека случајот е пријавен во СВР Куманово.
„Настанот е пријавен во СВР Куманово. Извршен е увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
На инцидентот реагираше и пратеникот и поранешен министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој најостро го осуди вандализирањето на просториите на „Српски вез“, оценувајќи дека ваквите постапки се неприфатливи и не смеат да ги загрозат меѓуетничките односи во Куманово.
„Најостро го осудувам вандализирањето на просториите на КУД ‘Српски вез’ во Куманово. Ваквите постапки се неприфатливи и не смеат да бидат причина за нарушување на меѓуетничките односи и соживотот по кои Куманово е препознатливо. Верувам дека станува збор за изолиран инцидент кој не ги отсликува вредностите на нашите граѓани“, порача Спасовски.
Тој побара брза и темелна истрага и утврдување на одговорноста на сторителите.
„Очекувам надлежните институции брзо и темелно да го расчистат случајот, да ги утврдат сторителите и да постапат согласно законот. Само со навремена и одлучна реакција ќе испратиме јасна порака дека нема место за омраза, вандализам и провокации“, наведе Спасовски.
Полицијата продолжува со преземање мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот. Истрагата треба да покаже кој стои зад оштетувањето на просториите, како и кои биле мотивите за испишувањето на графитите.


