
Десет илјади денари неделно се повеќе од доволно во актуелните вонредни околности, оцени гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, зборувајќи за ограничувањето на користењето средства од „Алта банка Битола“. Во гостувањето во „Топ тема“ на Телма, тој рече дека при утврдувањето на лимитот биле земени предвид просечната плата, просечната пензија и други економски показатели.
Според неговото објаснување, клиентите во ноември ќе имаат пет можности да подигнат по 10.000 денари, односно вкупно 50.000 денари.
„Целта е средствата на банката да се доведат во редовна состојба. Во ноември ќе имаат пет можности за подигање на 10.000 денари. Тоа се 50.000 денари. Тоа е повеќе од доволно затоа што имаме вонредна ситуација“, изјави Славески.
Гувернерот ги повика граѓаните на трпение, нагласувајќи дека средствата и натаму се на нивните сметки, а ограничувањата се привремени. Тој посочи дека предвидениот период од три месеци е максималното времетраење на мерките.
„Ова е само еден ограничен временски период во кој треба оваа состојба да се надмине. Граѓаните и натаму си ги имаат парите на своите сметки. Периодот одреден на три месеци е максимален“, рече тој.
Паралелно со привремените ограничувања, според Славески, започната е и постапка за промена на сопственичката структура на банката.
Тој информираше дека „Алта банка Белград“, како сопственик на македонската банка, преку српскиот регулатор е известена дека има рок од три дена да ги понуди своите акции на продажба. Доколку тоа не се случи, според најавата на гувернерот, Народната банка ќе пристапи кон нивна продажба преку аукција.
Славески изрази уверување дека ќе се најде заинтересиран инвеститор, повикувајќи се на финансиската состојба на македонската банка.
„За банка која има солидни биланси, јас сум сигурен дека ќе има заинтересиран купувач“, изјави тој.
До нормализирање на работењето, клиентите остануваат со ограничен пристап до сопствените средства, а надминувањето на состојбата ќе зависи од натамошното спроведување на мерките и постапката за промена на сопственоста.



