Skip to main content
Економија, Македонија

Скопјанец осомничен за даночно затајување тешко над 2,3 милиони денари

06/07/2026  15:26

СВР Куманово поднесе кривична пријава против 57-годишен жител на Скопје и правно лице од Скопје поради сомнение дека со лажно прикажување на расходи избегнале плаќање данок на добивка во износ од 2.362.247 денари.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, кривичната пријава е поднесена против Е.С. (57), управител и одговорно лице во компанијата, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“.

Според резултатите од истрагата, во периодот од 1 јануари до 31 декември 2023 година, пријавениот во деловните книги и даночните евиденции евидентирал расходи кои не биле даночно признаени и за кои не постоела соодветна документација. Воедно, биле прикажани и трошоци кои не биле поврзани со вршењето на дејноста на правното лице.

Со ваквото постапување, според полицијата, неосновано била намалена даночната основа, а во даночните пријави биле внесени податоци што не ја прикажувале реалната даночна состојба.

Од МВР наведуваат дека со овие дејствија осомничениот и правното лице стекнале противправна имотна корист преку избегнување на плаќање данок на добивка во вкупен износ од 2.362.247 денари.

По целосното документирање на случајот, против пријавените ќе продолжи соодветната кривична постапка.