
Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде транспарентно во врска со целата постапка за обнова на цементарицата „Титан УСЈЕ“ во Скопје, потенцираше на денешната прес-конференција министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, кој одговараше на новинарско прашање по кој Закон ќе биде обновена А интегрираната дозвола за овој индустриски капацитет.
-Барањето, како што знаете е објавено, расправата се одржа во петок и течат процедурите кои се предвидени за обнова на дозволата. Тоа што беше кажано во расправата, тоа што јас сум го кажал и го повторувам, новата дозвола на УСЈЕ ќе биде со параметри, со новиот Закон кој влегува во сила септември 2027 година. Тоа може да го ветам дека целата постапка ќе биде транспарентна и јавноста ќе биде цело време известена за сите постапки, кои ќе се одвиваат во текот на обновата на дозволата-изјави Хоџа.
Инаку, во петокот се одржа јавна дебата за издавањето на новата А-интегрирана дозовола за „Титан УСЈЕ“ на која учествуваа граѓани, членови на еколошки и граѓански здруженија, како и претставници на надлежните институции.
