Skip to main content
Балкан

Грција поставува заштитни мрежи поради опасната риба-зајак

06/07/2026  15:40

Грчките власти започнаа со поставување на 2,5 километри специјални заштитни мрежи како превентивна мерка против ширењето на опасната риба-зајак – инвазивен морски вид кој во последните месеци предизвикува загриженост кај капачите и локалните власти.

Рибата-зајак содржи тетродотоксин – исклучително опасен невротоксин за кој не постои противотров. Покрај тоа, нејзините силни вилици, кои наликуваат на клун, можат да прегризат коска, но и метал, што ја прави една од најопасните инвазивни морски животни во Средоземното Море.

Поставувањето на пловечките бариери започнало во средината на јуни на плажата Родис во Халкида, а проектот, кој го реализира Општина Халкида, е вреден 366.950 евра.

Освен на плажата Родис, заштитните мрежи ќе бидат поставени и на плажите Аликес, Бурнонтас, Валопула, Каламија и Зефирос, долж Северниот Евијски Залив. Монтажата ја вршат специјализирани нуркачки тимови.

Во меѓувреме, Пристанишната управа на Евија најави дека ќе постави слични пловечки бариери и на плажите Сикиес, Куренти, Сувала и Папанастасиу, кои се под нејзина надлежност.

Градоначалничката на Халкида истакна дека проектот е реализиран со финансиска поддршка од Регионот на Централна Грција и има за цел да ја подобри безбедноста на капачите.

„Му благодариме на Регионот на Централна Грција за финансирањето на оваа важна иницијатива, која ни овозможува да го ограничиме влезот на медузи, пловечки отпад и површинско загадување во зоните за капење, придонесувајќи за безбедноста на капачите и за подобрување на изгледот на плажите во нашата општина, како за жителите, така и за посетителите“, изјави градоначалничката.

Со поставувањето на заштитните бариери, грчките власти очекуваат да го намалат ризикот од навлегување на опасни морски видови и да обезбедат побезбедни услови за престој на туристите и локалното население во текот на летната сезона.