Skip to main content
Свет

Скокнаа цените на нафтата

07/05/2025  12:03

Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари се искачија над 62 долари, поттикнати од бранот на купување во Кина по празникот Први мај и знаците за закрепнување во американскиот услужен сектор.

На лондонскиот пазар, цената на барел по пладне беше за 2,20 долари повисока од вчерашното затворање, на 62,43 долари. На американскиот пазар, барелот се тргуваше за 2,30 долари повисока, на 59,43 долари.

На почетокот на неделата, пазарите беа потресени од група членови на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, кои одлучија да пласираат значително повеќе барели на пазарот во јуни отколку што планираа.

Саудиска Арабија, Русија, Ирак, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Казахстан, Алжир и Оман ќе ја зголемат својата понуда за 411.000 барели дневно во јуни, бидејќи односот понуда-побарувачка е „здрав“, судејќи според ниското ниво на залихи, се вели во соопштението во саботата.

Групацијата веќе го забрза темпото на испораки за мај, од првично планираните 138.000 барели дневно.

Во вторник, цените на нафтата беа поттикнати од бранот на купување од страна на инвеститорите кои побрзаа да ги искористат ниските цени.

Кинеските купувачи исто така се враќаат на пазарот, по празникот Први мај, потсетуваат аналитичарите.

„Кина денес се враќа на работа, а како најголем увозник, купувачите веројатно побрзаа да купат (нафта) бидејќи нејзините цени во моментов се ниски“, објаснува Пријанка Сачдева од Phillip Nova Pte Ltd.

Во исто време, инвеститорите беа охрабрени од брзиот раст на активноста во американскиот услужен сектор, со значително посилна побарувачка.

Индексот на менаџери за набавки во американскиот услужен сектор се искачи на 52 поени во април, според истражувањето на Институтот за управување со набавки (ISM).

Вредностите од над 50 поени укажуваат на зголемување на активноста, а оние под нив укажуваат на намалување.

„Севкупно, резултатите се подобруваат“, заклучи Стив Милер од комитетот за услуги на ISM.

Одделно, ОПЕК објави дека барелот од кошничката за нафта на нејзините членки падна за 1,94 долари на 59,86 долари во понеделник.