
Синдикатот на културата преку објава на некролог на социјалните мрежи реагира на денешната одлука на Уставниот суд за укинување на членот 78-љ од Законот за култура и на Колективниот договор за вработените во културата во целина.
„Жална вест. Со длабока тага ги известуваме сите колеги, пријатели и почитувачи, дека на 27.11.2026 на шестгодишна возраст насилно ни беше одземен Колективниот договор за култура“ стои на фотографијата.
„Се гледаме на седумдневениот помен, благата пченица е од нас за вас. Вечнаја памјат, а ВАМ историјата нека ви суди и ќе ви пресуди! Овековечени во историјата како ЕГЗЕКУТОРИ“ се наведува во објавата на СКРМ.
Инаку, според образложението на Уставниот суд, проблемот е во тоа што во Законот за култура и во Колективниот договор не е утврдена јасна методологија за пресметка на платите. Судот смета дека основата за утврдување на платите мора да биде дефинирана со закон, а дополнително разработена со колективен договор.
Одлуката ќе стапи во сила на 1 април 2027 година, дотогаш Министерството за култура, синдикатите и другите социјални партнери треба да подготват нов колективен договор, усогласен со законските прописи.

