Skip to main content
Економија, Македонија

ИБУ, МАНУ и Турската академија на науките заеднички за одржлив економски развој

27/11/2026  16:07

На Меѓународниот балкански универзитет (ИБУ) во Скопје денеска свечено беше отворен дводневниот меѓународен научен симпозиум на тема „Улогата на економската и финансиската интеграција во одржливиот развој“, организиран во соработка со Турската академија на науките (ТУБА) и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Симпозиумот, кој се одржува на 27 и 28 ноември 2026 година, обединува претставници на државните институции, дипломатскиот кор, академици, универзитетски професори, научници и истражувачи, со цел разгледување на поврзаноста меѓу економската интеграција, финансиските системи и одржливиот развој.

На свеченото отворање присуствуваа министерот задолжен за меѓународни партнерства и странски инвестиции, Зулфикар Зејнула, пратеникот во македонското Собрание, Салих Мурат, како и Анил Кајалар, прв советник и заменик-шеф на дипломатската мисија на Амбасадата на Република Турција.

На настанот присуствуваа и ректори, декани, академици, универзитетски професори, истражувачи и други претставници на академската и научната заедница.

Симпозиумот официјално го отвори ректорот на Меѓународниот балкански универзитет, проф. д-р Мехмет Булут, по што свои обраќања имаа претседателот на Турската академија на науките, проф. д-р Музафер Шекер, и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик проф. д-р Живко Попов.

По обраќањето на претседателот на МАНУ, ректорот Булут и претседателот на Турската академија на науките, Шекер, му врачија пригодни подароци во знак на почит и академска соработка.

Во рамките на дводневниот научен собир, според претходно објавената програма, предвидено е презентирање на 34 научни труда, со учество на научници и истражувачи од Македонија, Турција, Казахстан, Пакистан, Индија, Иран и Канада.

Во фокусот на дискусиите се актуелните економски и финансиски предизвици, регионалната економска интеграција, развојот на финансиските пазари, зеленото финансирање, енергетската безбедност, дигитализацијата на финансиските услуги и политиките за одржлив економски развој.

Посебно внимание ќе биде посветено на можностите за продлабочување на економската и трговската соработка меѓу земјите од Западен Балкан и Турција, како и на улогата на финансиските институции во поттикнувањето на инвестициите и долгорочниот економски раст.

Станува збор за петти симпозиум од серијата научни собири што Турската академија на науките ги организира од 2021 година, но прв што се одржува надвор од Турција.

Преку организацијата на овој меѓународен симпозиум, Меѓународниот балкански универзитет продолжува да ја развива соработката со реномирани научни и академски институции, создавајќи простор за размена на знаења, истражувачки искуства и иницијативи насочени кон одржлив економски развој.

Од универзитетот изразија благодарност до сите учесници за нивниот придонес во зајакнувањето на дијалогот меѓу академските институции и пошироката општествена заедница.