Skip to main content
Македонија

Се разгледуваат сите можности: Ќе се гради ли нов саемски комплекс во Скопје?

22/04/2025  12:53

Директорот на Службата за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, денеска одржа работна средба со претставници на „Скопски саем“, на која дискутираа за потребата и важноста од изградба на нов саемски комплекс во Скопје. На средбата беа разгледани можностите за локација, инфраструктурни услови и иновации кои би го направиле новиот саемски простор конкурентен на регионалните и меѓународните пазари.

Даниела Глигоровска, директорка на „Скопски саем“, ги нагласи предностите од обновување на саемската активност, која веќе неколку години не се одржува во свој објект.

-Саемите претставуваат клучни настани за промоција на македонските производи и услуги, како и за создавање на нови можности за странски инвестиции и соработка. Изградбата на современ саемски комплекс ќе ги отвори вратите за нови можности и ќе создаде услови за зајакнување на економијата, додаде Глигоровска.

На средбата беше договорено меѓуинституционалната соработка и поддршка да продолжи и во периодот што следи подетално да се разгледаат сите аспекти и можности за изградба на нов објект за потребите на саемските манифестации.