
Сојузната управа за воздухопловство на САД (ФАА) од денеска почнува да користи систем со вештачка интелигенција за управување со воздушниот сообраќај на три клучни аеродроми во поширокото подрачје на Вашингтон.
Системот ќе биде воведен на аеродромите „Роналд Реган Вашингтон нешенел“, „Вашингтон Далес интернешенел“ и „Балтимор/Вашингтон интернешенел Тергуд Маршал“.
Новиот систем наречен СМАРТ, се заснова врз „клауд“ технологијата и ќе служи како поддршка на постојните системи. Од ФАА нагласуваат дека негова цел не е да ги замени контролорите на летање, ниту да го реши проблемот со недостигот на кадар.
Во јануари 2025 година на аеродромот „Роналд Реган“ се случи најтешката авионска несреќа во САД во последните неколку децении, кога при судар на воен хеликоптер и патнички авион загинаа сите патници и членови на екипажот на двете летала.
Контролорите на летање и пред несреќата предупредуваа на преголемиот интензитет на сообраќајот. ФАА во јуни и одобри на вашингтонската компанија „Ер спејс интелиџенс“ да разработува систем за управување на сообраќајот со употреба на технологија со вештачка интелигенција.
Технологијата има за цел да ги намали доцнењата на летовите, да влијае врз подобрување на протокот на сообраќајот и зголемување на капацитетот на воздушниот простор.

„Откако ќе го воведеме ова, суштински ќе го промениме начинот на управување со воздушниот простор и ќе елиминираме илјадници доцнења и откажувања на летови“, изјави тогаш американскиот министер за транспорт, Шон Дафи.

