
Германската министерка за образование Карин Прин денеска изјави дека насилството за време на протестите на младите што се случи пред два дена е индикатор дека треба да се подобри интеграцијата на луѓето со мигрантско потекло во германското општество.
Според неа инцидентите на демонстрациите биле предизвикани од левичарски радикали и поединци со „мигрантско потекло“
– Признавањето на овој факт не значи поттикнување омраза, туку соочување со реалноста и разгледување на причините зошто луѓето посегнуваат по такви средства, посочи Прин.
Таа додаде дека е потребно да се испита зошто интеграцијата функционира помалку успешно за некои групи отколку за други.
Претходно, германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт оцени дека мирните демонстрации биле преземени од „насилни левичарски групи и мигрантски анархисти“.
За време на протестите на Генерацијата Зет, одржани во саботата во околу 30 градови низ Германија, се случија неколку инциденти и судири со безбедносните сили. Најсериозни судири беа забележани во Берлин, Франкфурт, Хамбург, Келн и Штутгарт, каде што некои демонстранти фрлаа шишиња, камења и пиротехнички средства кон полицијата, запалија барикади и предизвикаа немири. Во Берлин, полицијата интервенираше неколку пати, користејќи бибер спреј и апсејќи ги учесниците во немирите.

