Skip to main content
Македонија

Пожарникарите со препораки и совети за избегнување пожар за претстојните празници

23/12/2025  11:10

Во текот на претстојниот празничен период, ризикот од пожари во објектите се зголемува поради невнимателната употреба на празничните украси, од светла до свеќи и прскалки. Особено е важно да се нагласи дека новогодишните елки и разните пластични украси лесно горат, а огнот може брзо да се прошири на околниот мебел, соопштија денеска од ТППЕ Струмица.

Во апелот се додава дека празничниот период се совпаѓа со грејната сезона, па затоа пожарникарите потенцираат дека треба одговорно однесување при отстранување на пепелта.

-Без оглед на ниските температури, ако времето е суво, врелата пепел во контакт со запаливи супстанции како што се картонска амбалажа, разни отпадни хартии и слично станува опасна причина за пожар. Имено, жарчињата од пепелта претставуваат потенцијален извор на палење до 24 часа по отстранувањето и затоа пепелта фрлете ја на одредено место или во метален сад и изгасете ја со вода по отстранувањето, советуваат струмичките пожарникари.

Апелираат до граѓаните да ги следат нивните совети за одговорно однесување и претстојната празнична сезона да помине безбедно и мирно.