Skip to main content
Свет

Последно лето на мирот во Европа – Германски воен историчар со мрачно предупредување

09/04/2025  22:47

Сонке Најцел, еден од највлијателните германски воени историчари, во интервју за Дојче веле упати сериозно предупредување: летото 2025 година може да биде последното лето на мирот во Европа. Според него, опасноста од директен судир меѓу Русија и НАТО станува сè поизвесна, а западниот свет е неподготвен за тоа што може да дојде.

„Никој не може да ја предвиди иднината, но мислам дека влегуваме во многу опасна фаза. Путин ќе го тестира Западот, можеби многу брзо“, вели Најцел. Историчарот укажува на најавената голема руска воена вежба во Белорусија на есен, која потсетува на онаа од 2021 година – вежба која подоцна прерасна во инвазија на Украина.

Најцел посочува дека американскиот претседател Доналд Трамп покажува непредвидлива политика кон НАТО и дека евентуалниот негов втор мандат може да ја ослаби Алијансата. Тоа, според него, го охрабрува Путин. „Трамп работи на негативен мировен договор во Украина и се однесува деструктивно кон НАТО. Тоа ја отвора вратата за нови агресии“, додава тој.

Германија и Европа, според Најцел, драматично заостануваат во подготовката за можен конфликт. Иако во 2022 година беше формиран посебен фонд од 100 милијарди евра за модернизација на германската армија (Бундесвер), резултатите се недоволни. „Сè уште има многу бирократија, бавност, нема доволно модерна технологија, дронови, обука. Германија мора да стане копнена воена сила во рамки на НАТО, додека Британија и Франција ќе го покриваат воздушниот и нуклеарниот сегмент“, оценува историчарот.

Тој предупредува и на хибридни закани – уништување на подводни кабли, сајбер-напади, политичка субверзија. „Путин нема веднаш да нападне со тенкови. Прво ќе тестира. Можеби ќе ја премине границата со Естонија, ќе каже ‘ова е сега Русија’. И што потоа? Ќе реагира ли НАТО?“, прашува Најцел.

Историчарот додава дека одвраќањето, како во времето на Студената војна, е единствениот начин за спречување на војна. „Мораме да бидеме јасни – ако ја преминете црвената линија, ќе одговориме. Само така може да се одржи мирот“, истакнува тој.

На крајот, Најцел предупредува: „Можеме да завршиме во војна, или да паднеме под руски притисок и да се откажеме од борба, или – во најдобар случај – да имаме мир, со силна, обединета Европа и стабилна поддршка од САД. Но за тоа треба сериозна, итна подготовка. Зборовите не се доволни – време е за акција“.