Skip to main content
Македонија

Пет случаи на морбили во Македонија – Клековски предупредува на опасност од епидемија

03/11/2026  16:26

Во Македонија е регистриран нов, петти случај на морбили, а последниот заразен пациент е дете на возраст од една и пол година. Информацијата денеска ја потврди министерот за здравство Сашо Клековски, кој предупреди на високата заразност на вирусот и апелираше до граѓаните да го проверат својот вакцинален статус.

Со новиот случај, бројот на потврдени заразени со морбили во државата се искачи на пет. Меѓу нив се три мали деца, 45-годишен македонски државјанин и еден државјанин на Косово.

Здравствените власти во моментов ја испитуваат епидемиолошката поврзаност меѓу случаите. Според првичните сознанија, постојат индиции дека странскиот државјанин е поврзан со трите домашни случаи, но конечните заклучоци ќе бидат познати по завршувањето на анализата на Институтот за јавно здравје.

„Имаме прелиминарна поврзаност помеѓу странскиот државјанин и трите домашни случаи, меѓутоа би почекал епидемиолошката анализа на Институтот за јавно здравје да биде готова и да го кажеме тоа службено“, изјави Клековски пред почетокот на националната консултација за новиот закон за лекови.

Министерот особено предупреди на опасноста од ширење на вирусот во здравствените установи, бидејќи морбилите се меѓу најзаразните вирусни заболувања, а вирусот може да остане во воздухот до два часа откако заразеното лице ќе го напушти просторот.

Поради тоа, здравствените власти препорачуваат лицата кај кои се појавуваат симптоми карактеристични за морбили да не одат директно во здравствените установи, туку најнапред телефонски да контактираат со лекар.

„Престој со заразени лица во чекалница, во ходници на здравствени установи, е значаен ризик за настанување епидемија“, предупреди Клековски.

Тој упати посебен апел до родителите да не ги носат децата во градинките и училиштата доколку забележат симптоми на заболувањето.

Според министерот, особено загрозени се бебињата кои сè уште не ја достигнале возраста за редовна вакцинација, како и невакцинираните лица од повозрасната популација.

„Имаме постојано една група од 15-ина илјади бебиња кои се во одреден ризик. Секако, и поповозрасната популација што не е вакцинирана“, истакна Клековски.

Во однос на можноста за воведување масовна вакцинација и задолжителни проверки на вакциналните картони, министерот посочи дека во моментов се дава предност на информирањето и подигнувањето на свеста кај населението, наместо на присилни мерки.

Тој ги повика граѓаните да проверат дали примиле две дози од вакцината против морбили или претходно ја прележале болеста.

„Апелирам на свест и самосвест на сите дека, ако не ја прележале болеста, две дози вакцина ќе ги заштитат бебињата кои не може да бидат вакцинирани и кои немаат можност да одлучат дали сакаат или не“, рече министерот.

Паралелно со епидемиолошките анализи, во тек се инспекциски надзори во здравствените установи во кои постои можност заразените лица да имале контакти со други пациенти или здравствени работници.

Претставникот на Светската здравствена организација во Македонија, д-р Аким Али, предупреди дека стапката на вакцинација во земјата сè уште е под потребното ниво за спречување на ширењето на морбилите.

Според него, неопходно е опфатот со вакцинација да достигне најмалку 95 проценти, што е клучен предуслов за колективна заштита.

Али посебно ја нагласи потребата од заштита на бремените жени, бидејќи инфекцијата може да предизвика сериозни компликации во бременоста.

Од СЗО посочуваат дека Министерството за здравство, во соработка со центрите за јавно здравје и локалните заедници, треба да продолжи со активностите за зголемување на опфатот со вакцинација.

Здравствените власти продолжуваат да ја следат состојбата, а по завршувањето на епидемиолошките анализи се очекуваат дополнителни информации за начинот на пренесување на заразата и евентуалната поврзаност меѓу регистрираните случаи.