Skip to main content
Свет

Пентагон: Нова воздушна поддршка за заштита на трговските рути во Црвеното Море

02/04/2025  11:12

САД ќе распореди уште еден носач на авиони во Блискиот Исток, соопшти портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, истакнувајќи ја потребата од заштита на трговските рути во регионот.

Од почетокот на војната во Газа во октомври 2023 година, Хутите редовно напаѓаат трговски бродови во Црвено Море.

Според Пентагон, на „Хари С. Труман“ ќе му се приклучи носачот на авиони „Карл Винсон“, кој во моментот е стациониран во Индо-Пацифичкиот регион. Целта на ова распоредување е „зачувување на регионалната стабилност, одвраќање на агресијата и заштита на трговските патишта“, се вели во изјавата на Парнел.

Во исто време, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет нареди испраќање на дополнителни ескадрили и воздушни сили во регионот за да се зголеми способноста за воздушна одбрана и поддршка, додаде Парнел.

Хутите тврдат дека при американските напади врз пристанишниот град Ходеида во западниот дел на Јемен загинале тројца, а двајца биле повредени, се наведува во соопштение на јеменското Министерство за здравство, објавено доцна синоќа.