
Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје денеска организираат панел дискусија на тема „Евро-атлантската безбедносна динамика: Предизвици за НАТО, Европа и процесот на проширување кон Западен Балкан”.
Оваа панел дискусија се организира во рамки на официјалното отварање на т. н. Школа за безбедност 2025, која КАС и Филозофскиот факултет-Скопје, а со поддршка на сестринска фондација „Вилфрид Мартенс“ – Центарот за Европски студии од Брисел традиционално ја организираат во изминатите неколку години.
Како што соопштија од КАС и од Филозофскиот факултет – Скопје, иницијативата има за цел да поттикне соработка и пријателство помеѓу земјите од регионот, нудејќи платформа која на едно место обединува студенти и млади професионалци, како и експерти и претставници од академската сфера од три соседни земји, односно Северна Македонија, Бугарија и Србија, со цел дискусија и размена на искуства на теми кои се од заеднички интерес, како што се прашањата за регионалните безбедносни предизвици и регионалната соработка на ова поле.
Домаќин на настанот, како што е најавено, ќе биде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој ќе има воведно излагање на темата.
Обраќања на настанот ќе имаат и претставниците на Фондацијата Конрад Аденауер Даниел Браун, Катерина Јакимовска од Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел, како и Деканот на Филозофскиот факултет проф. д-р Оливер Бакрески. Предивдено е излагања во рамки на панел дискусијата да имаат и проф. д-р Васко Наумовски од Правниот факултет „Јустинијан Први” – поранешен заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања и поранешен амбасадор во САД, д-р Ана Крстиновска од Здружението за развој на стратегии, истражување, едукација и промоција на меѓународни вредности ЕСТИМА и проф. д-р Ненад Марковиќ од Правниот факултет „Јустинијан Први”. Дискусијата ќе ја модерира проф. д-р Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, кој ќе даде и свое воведно излагање на темата.