
Голема полициска акција се спроведува денеска во Скопје, при што се вршат претреси на вкупно 32 локации, информира Основното јавно обвинителство Скопје.

Според информациите од Обвинителството, претресите се вршат врз основа на наредби издадени од судија на претходна постапка, а обезбедени по барање на јавен обвинител од ОЈО Скопје.
Во рамки на акцијата се претресуваат лица и домови, но и службени простории во Министерството за внатрешни работи.
Паралелно со претресите, надлежните органи преземаат и други истражни дејствија со цел обезбедување докази потребни за понатамошната постапка.
Според ОЈО Скопје, акцијата се спроведува поради сомненија за сторено кривично дело „Фалсификување исправа“ од член 378 од Кривичниот законик.
Засега не се соопштува колку лица се опфатени со постапката, ниту дали има приведени. Повеќе детали се очекуваат по завршувањето на претресите.


