
Владата повторно најавува дека ќе ѝ помогне на семејствата на загинатите и повредените во кочанската трагедија. Премиерот Христијан Мицкоски информира дека членови на неговиот Кабинет разговараат со родителите на неделна основа. Тој најави дека наскоро и лично ќе се сретне и ќе поразговара со нив.
-Ние на дневна основа се соочуваме и решаваме проблеми кои се поврзани со случувањата во Кочани. Пред два-три дена дечиња се враќаа од лекување од Анкара и имаа непријатна ситуација на аеродромот во Истанбул. Лично разговарав со еден од родителите и со претседателот Реџеп Таип Ердоган. Се среди целата работа и дечињата се вратија тука. Организиравме транспорт од аеродром во болницата „8 Септември“. На нивна одговорност не останаа на подолго лекување и излегоа оттаму. Оваа работа ќе трае со години. Се што можам ќе сторам. Ќе разговарам лично со семејствата. Цела Македонија болува и ќе болува. Работите не можат сами од себе да се решат, кажа Мицкоски од општина Штип.
За обвинувањата на опозицијата дека се води селективна истрага, Мицкоски посочи дека истрагата ја води Обвинителството и дека тој ниту се јавил, ниту комуницирал со некој обвинител.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. Поголем дел од пациентите со изгореници и со вдишан чад се лекуваа во странство, а секојдневно се враќаат по неколку пациенти, кои продолжуват да бидат надгледувани и третирани во македонските болници.