Skip to main content
Хроника

Обвинителството бара притвор за насилникот од гостиварско Топлица кој ја претепа сопругата

28/11/2026  18:41

Основното јавно обвинителство (OJO) Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 52-годишниот М. М. кој вчера ја претепа 42-годишната сопруга која е во животозагрозувачка состоја во КАРИЛ на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“. Постапката е поради основано сомнение дека извршил кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека мажот е лице со нарушено ментално здравје и е спроведен во психијатриската болница во скопско Бардовци, а при апсењето давал отпор и физички нападнал полициски службеници и повредил еден од нив.

„На 27 ноември, при вршење на семејно насилство, осомничениот 52-годишник со умисла се обидел да ја лиши од живот неговата сопруга. При расправија во семејниот дом во селото Топлица, осомничениот употребил физичка сила и остар предмет со кој повеќепати ја удирал оштетената во главата, лицето и телото. На жената и нанел повеќе тешки телесни повреди, убодни рани и скршеници на повеќе ребра од кои таа паднала во бесзонание. Настанот во полициска станица го пријавил таткото на осомничениот, а кога полициските службеници пристигнале на местото, ја пронашле жената без свест“, соопшти Обвинителството.

Ценејќи ги сите околности, тежината на стореното кривично дело, опасноста од бегство и влијание врз сведоци, како и можноста да го доврши делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.