Skip to main content
Балкан

НУНС со апел до српските медиуми да ги избришат фотографиите од погребот во Кочани

20/03/2025  15:14

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) ги повика медиумите во државата што известуваат за погребот во Кочани веднаш да ги избришат фотографиите и да ги приспособат вестите на етички и професионални стандарди.

НУНС смета дека денешното известување на повеќе српски медиуми што објавија потресни и вознемирувачки фотографии е длабоко неморално и неприфатливо.

Објавувањето фотографии и видеа од гробни места, членови на блиско семејство и приватни моменти е директно кршење на препораките за етичко известување и нарушување на достоинството на лицата за кои станува збор.

„Би сакале да истакнеме дека Кодексот на новинарите на Србија експлицитно забранува известување за погреби на приватни лица и дека новинарите се должни да ја почитуваат приватноста, достоинството и интегритетот на луѓето и да ги заштитат нивните права. Известувањето за погреби и објавувањето фотографии не е во јавен интерес“.

Законот за информации и медиуми го штити достоинството на лицето на кое се однесуваат информациите и затоа го повикаа Министерството за информации и телекомуникации да реагира на известувањето на порталите Република, Курир, Блиц, Ало, Телеграф и Мондо.