
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk, изјави дека во првите четири месеци од годинава е постигнат рекорден степен на реализација на капиталните инвестиции од над 74 проценти.
Според Николоски, ваквиот резултат е производ на интензивна подготовка и планирање што започнале уште во текот на минатата година, со цел навремена реализација на инфраструктурните проекти.
Тој нагласи дека капиталните инвестиции имаат огромно значење за економијата, бидејќи директно влијаат врз повеќе од 30 стопански гранки и создаваат дополнителна економска активност.
„Ова не се непродуктивни трошоци за плати и пензии, туку средства за нешто што е видливо и што му треба на народот. Со оглед на брзата динамика, при претстојниот ребаланс на буџетот ќе побараме дополнителни 2,5 милијарди денари, односно околу 40 милиони евра, за реализација на нови проекти“, изјави Николоски.
Во интервјуто, министерот упати и јавен повик до опозицијата да го посети Министерството за транспорт, посочувајќи дека е подготвен на дневна основа транспарентно да ги презентира проектите и активностите што се реализираат низ државата.

„Дојдете и видете ја раздвиженоста на градежната оператива низ целата држава“, порача Николоски.


