
Четиринаесетгодишно момче загина од струен удар откако стапна во насобрана вода во парк во Истанбул, за време на силните врнежи што го зафатија градот на 14 октомври.
Несреќата се случи во паркот Чукурбостан, во населбата Балат во округот Фатих. Според соопштението на истанбулските власти, момчето било пренесено во болница без свест, но лекарите не успеале да го спасат. Отворена е истрага за околностите на настанот.
Турските медиуми известија и за втора жртва на невремето. Во населбата Ајазага, во округот Сариер, 34-годишен маж паднал додека се обидувал да премине поплавена улица и удрил со главата во тротоарот. Бил извлечен од водата и пренесен во болница, каде што починал.
Обилните врнежи предизвикаа поплавување улици, подвозници, домови и деловни објекти. Вода навлегла и во болницата „Шишли Хамидије Етфал“ во Чајирбаши, каде што екипите интервенирале за нејзино испумпување. На повеќе локации се извлекувале возила заглавени во вода.
Поради невремето, наставата во Истанбул е прекината за денеска, 15 октомври. Гувернерот Давут Ѓул ги повика граѓаните да не излегуваат без потреба и да се држат подалеку од речни корита, подвозници и подрачја изложени на поплавување. На жителите во подрумски простории им препорача да се преместат на побезбедни, повисоки катови.
Според билансот што го пренесе „Економим“, во интервенциите биле ангажирани околу 8.000 лица и 2.000 возила и работни машини.


